Министерството за јавна администрација, односно Државниот управен инспекторат, најостро ги демантира лагите и манипулациите што Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги шири во јавноста. Обвинувањата дека Државниот управен инспекторат утврдил злоупотреба на службената положба и одземал надлежности на министерот за животна средина Изет Меџити, се целосно неточни и злобно конструирани со политичка заднина, демантираат од министерството за јавна администрација во однос на обвинувањата од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за Државниот управен инспекторат.
„ДУИ, како партија која повеќе од две децении ја држеше заробена администрацијата и систематски ја претвораше во алатка за партиски интереси, сега се обидува да манипулира со јавноста преку лаги и дезинформации.
Државниот управен инспекторат нема ингеренции за одземање на надлежности на министри, ниту за водење истраги за корупција – тие се во доменот на правосудните органи, кои токму ДУИ ги блокираше со години за да се заштити од одговорност.
Она што навистина се случи е редовен инспекциски надзор во Управата за животна средина, спроведен согласно Годишниот план за работа за 2024 година. Овој надзор се однесува исклучиво на почитувањето на законските процедури и нема никаква поврзаност со обвинувањата што ДУИ ги пласира.
Очигледно е дека ДУИ, соочена со губење на влијанието и привилегиите што си ги создаде врз грбот на граѓаните, сега посегнува по очајни методи на политички спинови.
Наместо да одговорат за сопствените злоупотреби и партизација на институциите, се обидуваат да ја префрлат вината врз оние што вистински работат на градење транспарентна и професионална администрација.
Министерството за јавна администрација, преку Државниот управен инспекторат, нема да дозволи политички структури да го злоупотребуваат системот за свои дневнополитички цели.
Јавноста има право да знае дека оваа Влада се води од принципите на законитост и отчетност – нешто што ДУИ никогаш не можеше да го постигне додека беше на власт“, се вели во демантот.
Инаку од ДУИ во соопштение до јавноста утрово напишаа:
„Демократската унија за интеграција (ДУИ) го разоткрива големиот скандал што се случува во Министерството за животна средина, каде што по контрола спроведена од Инспекторатот за администрација е потврдено злоупотреба на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет. Врз основа на решението на Инспекторатот за администрација со број 11-1653/2024 од 17.01.2025 година, Изет Меџити е целосно лишен од своите надлежности, кои се пренесени на Дирекцијата за животна средина. Со оваа одлука, новиот директор е задолжен да не испраќа на потпис во кабинетот на Меџити ниту еден документ од клучните сектори на министерството, вклучувајќи го Секторот за природа, води, отпад, животна средина и индустриско загадување. Овие сектори сочинуваат над 70% од надлежностите на Министерството за животна средина, што го прави овој потег невиден преседан. Оваа мерка е донесена како резултат на бројни поплаки и пријави од граѓани и компании кои биле условувани од кабинетот на Меџити да даваат мито во замена за административни услуги. Ова е најјасен доказ за заробеноста на институциите од корупцијата и неспособноста на актуелната влада да обезбеди чиста и функционална администрација. ДУИ остро ја осудува оваа ситуација и ги повикува правосудните органи веднаш да отворат истрага за одговорните, како и да обезбедат граѓаните и бизнисите повеќе да не бидат жртви на државна уцена и корупција. ДУИ ќе продолжи да биде гласот на граѓаните и да разоткрива секој обид за злоупотреба на власта од страна на неспособни и корумпирани функционери“.
СЛЕДЕТЕ НЕ: