Специјалното јавно обвинителство најави дека денеска ќе го достави предлогот за определување куќен притвор на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков до Основниот суд Скопје1. Од судот се уште нема потврда дали го добиле предлогот и дали викендов ќе одлучуваат или чекаат до понеделник.
Во текот на вчерашниот ден, судот го врати предлогот за укинување на мерката притвор и замена со куќен притвор на Мијалков, со образложение дека не е комплетен. Сашо Мијалков е последниот обвинет или осомничен во случаите на СЈО, а кој се уште е во притвор во Шутка.
Во изминатите неколку денови, на предлог на СЈО, мерката притвор им беше заменета со куќен притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски за случајот „Титаник“, на Орце Камчев и Цветан Панделески во случајот „Империја“, за кој Мијалков доби 30 дневен притвор. Во интервју за Канал 5, специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека се убедени дека тие нема да избегаат и затоа се испратени во куќен притвор.
