„Судот да не суди по желби туку по закон“: Одбраната на генералниот инспектор Грнчиштанов се повика на праксата од Стразбур

„Судот не е врзан за предлозите на тужителот во однос на правната оцена на делото. Бараме пресудата да се базира само и само на докази прибавени на законит начин.“

Со строго правен и процедурален говор, адвокатот Дончо Наков, бранител на обвинетиот Љупчо Грнчиштанов (поранешен генерален инспектор во ДЗС), ја најави својата стратегија. Тој не навлезе во емотивни говори, туку се повика на Законот за кривична постапка (ЗКП) и праксата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур).

Наков потенцираше дека судот има обврска да ја заснова пресудата исклучиво врз факти изнесени на главната расправа, а не врз теориите на обвинителството. „Преку нашиот воведен говор ви ја наговестуваме нашата стратегија – ќе докажеме дека обвинетиот не го сторил кривичното дело ’Тешки дела против општата сигурност‘, како што е напишано во иницијалниот акт,“ истакна адвокатот.

Одбраната предупреди дека ќе инсистира на приговори за секој доказ за кој сметаат дека е прибавен со кршење на правата на обвинетиот.

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ЉУПЧО ГРНЧИШТАНОВ?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Љупчо Грнчиштанов (54) беше Генерален инспектор (Раководител на инспекциската служба) во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во периодот од 15.01.2013 до 16.03.2025 година.

Се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“ поради следните пропусти:

  • Лоша координација: Не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба за да обезбеди ефикасна примена на прописите.
  • Пропусти во планирањето: При изготвување на годишните планови, до 2020 година воопшто не предвидел инспекциски надзор над објекти во Општина Кочани.
  • Игнорирање на ризикот: Иако знаел дека во Кочани нема локален инспектор, не спровел надзор ниту по службена должност, дозволувајќи објекти како „Пулс“ да работат без контрола од ДЗС повеќе од една деценија.