Основниот кривичен суд Скопје го продолжил притворот на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, за уште 30 дена. Веста ја потврди неговиот адвокат, Боби Спирковски, кој по денешното рочиште за предметот „Онкологија 2“ најави дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд.
Спирковски потсети дека првостепениот суд првично го одбил предлогот на Обвинителството за притвор и определил куќен притвор, но по жалбата на Обвинителството, Апелација ја преиначила одлуката и му одредила притвор.
– Во жалбата на Обвинителството стоеја само неколку реченици, дека Васев може да избега со лична карта, без лична карта или да се сокрие во државата. Тоа не се правни аргументи, туку претпоставки. Се надевам дека овојпат Апелација ќе одлучи врз основа на закон и докази, а не под притисок – изјави Спирковски.
Одбраната, според него, приложила нови докази кои покажуваат дека обвинението се заснова на погрешна правна квалификација и дека делата за кои се товари Васев се „вештачки раздвоени“ со цел да се добие повисока казна.
– Од едно кривично дело „злоупотреба на службена положба“, Обвинителството направи три – злоупотреба, измама и проневера. Тоа е правно неодржливо – нагласи адвокатот.
Тој додаде дека обвинението за штета од 35 милиони евра е неосновано и дека одбраната доставила докази дека реална штета не постои.
– Исто така, не може однапред да се тврди дека доказите се „непобитни“ и дека следи осудителна пресуда. Со тоа се нарушува презумцијата на невиност. Нашата анализа покажа дека економското вештачење е нестручно и тенденциозно – рече Спирковски.
Адвокатот оцени дека во целиот процес постои силен притисок врз судиите, кој, според него, влијае врз нивните одлуки.
– Време е правосудството да се издигне над политичките и медиумските притисоци и да одлучува само врз основа на факти и закон – додаде тој.
На денешното рочиште беа сослушани неколку поранешни членови на Управниот одбор на Клиниката за онкологија, во периодот кога директори биле Нино Васев и Нехат Нухи.
Спирковски смета дека нивните сведочења се ирелевантни, бидејќи за ваков тип на дела – злоупотреба на службена положба и економски криминал – компетентни се вешти лица, а не сведоци.