Судот им го продолжи притворот на шестмина осомничени за злоупотреби во болницата

Прилепскиот Основен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и им го продолжи притворот за уште 30 дена на шесте осомничени во случајот за злоупотреби во прилепската болница. Претседателката на судот, Јасмина Шишковска, потврди дека одлуката е донесена од кривичниот совет, а против неа веќе се поднесени жалби до Апелацискиот суд во Битола.

Според информациите од Јавното обвинителство, истрагата се води против вкупно 32 лица – 16 физички, 7 правни, а уште деветмина се гонат по скратена постапка. Осомничените се товарaт за злоупотреби при јавни набавки, проневера во службата, несовесно работење, злоупотреба на службена положба, па дури и фалсификување или уништување деловни книги.

Меѓу осомничените се поранешната директорка, раководители и други вработени во болницата, како и управители на правни лица. Според обвинението, преку постапки за набавки – од сервисирање на возила и водовод, преку чистење и обезбедување, до реконструкција на инфективното одделение – бил предизвикан фискален штетен ефект од речиси 43 милиони денари (околу 700.000 евра).

Истрагата е покрената по кривична пријава од Управата за финансиска полиција. Шестемина осомничени прво беа притворени на 24 октомври, а мерката сега е продолжена.