Судскиот совет ги проверува предметите на судијата Ѓоко Ристов

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, информираше дека комисија веќе врши контрола врз шест или седум предмети во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов, против кого е поведена кривична пријава за перење пари и прикривање имот.

Проверката е иницирана по анонимна претставка поднесена од група вработени во Апелацискиот суд Скопје, а извештајот од комисијата се очекува да биде готов во текот на оваа недела. Камбовски најави дека набрзо ќе следува и целосна проверка на работата на сите судии во скопска Апелација.

Во однос на случајот со казнената пресуда за новинарката Љиридона Вејсели од Тетово, Камбовски појасни дека Судскиот совет ја следи ситуацијата, но ќе интервенира доколку процени дека е потребно, со оглед на тоа што судската постапка е сè уште во тек.