Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ соопшти дека е извршена втора распределба од средствата собрани на заедничката сметка за донации.
Во видео информација, објавена на фејсбук профилот на иницијативата, се наведува дека од вкупната сума од 10.944.793 денари, еден милион денари се издвоени за данок на државата.
Останатите средства се еднакво распределени на 137 лица, при што секое од нив добило износ од по 71.900 денари.
„Почитувани, транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку SupportKocani, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, стои во објавата на „Супорт Кочани“ на социјалните мрежи.
Собраните средства потекнуваат од донации на компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани кои беа организирани во земјата и во странство.
Парите беа наменети за помош на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март оваа година, во кој загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.