Суспендирани инспектори од УЈП опфатени во случајот со пожарот во „Пулс“

Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека веднаш започнала внатрешна проверка по наводите изнесени во документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и донела одлука за суспензија на дел од вработените, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба.

„Мерката е преземена заради заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните,“ наведуваат од УЈП.

Во објавата на ИРЛ беа презентирани комуникации меѓу даночни службеници и даночен обврзник, кои упатуваат на можност за оддавање даночна тајна, неовластено споделување информации за претстојни контроли, како и координација со други институции надвор од законските рамки.

„Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Институцијата останува посветена на законитост, транспарентност и професионализам и ќе спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие принципи. Граѓаните може да бидат уверени дека УЈП ќе делува исклучиво во јавен интерес и со највисоки стандарди на етика и отчетност,“ се наведува во соопштението.

ИРЛ во неделата објави документарец за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој беа споменати вработени во УЈП во контекст што укажува на непочитување на законските прописи и интерните правила на институцијата.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.