На денешното рочиште за случајот „Геријатрија“ пред Основниот кривичен суд Скопје, на предлог на одбраната сведочеше архиварка вработена во установата, која привремено ја заменувала секретарката на директорот.
Сведокот потврди дека на состанок со директорот дошло лице со име и презиме Небије Заимовска, иако за средбата немало закажан термин. „Дојде едно лице, се претстави со тоа име, дојде со еден човек и рече дека имала закажано, а всушност немаше закажано. Јас потоа ја прашав дали може да влезе, бидејќи немаше закажано со него, и директорот ја прими“, рече таа.
На прашањето дали вакви ненајавени посети биле вообичаени, сведокот одговори дека зависело од слободното време на директорот и од конкретната ситуација, додавајќи дека понекогаш лица без термин биле примани, а понекогаш не.
На претходните рочишта беа презентирани фото и видео материјали од средбите на обвинетите Мухсин Арифи и Блерим Амити со сведокот, како и предавањето на парични средства на 8 април годинава.
Во текот на денешното рочиште, на предлог на одбраната беше сослушан и сведок кој рече дека дознал за случајот од поранешен колега, кој барал информации за прием на пациентка во геријатријата. Сведокот нагласи дека лично не го познавал Арифи, ниту побарал или примил пари за средбата.
Според обвинението, Арифи, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, побарал имотна корист од 20.000 евра за прием на пациентка во тешка здравствена состојба, додека Амити посредувал и ја примил сумата, по што беше фатен од полицијата.
Обвинетите на почетокот на судењето се изјаснија дека не се виновни. Судењето го води судијката Ленка Давиткова, а обвинителката е Искра Хаџи Василева. Следното рочиште е закажано за 5 декември.