Со сослушување на нови сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, кој заедно со двајца лекари е обвинет за несовесно лекување на пациенти.
Пред судечкиот совет сведочеа оштетени граѓани и законски застапници на починати пациенти, кои детално зборуваа за начинот на лекување и спроведувањето на терапиите на Клиниката.
Шестмина сведоци поднесоа најави за оштетени побарувања и се приклучија кон кривичниот прогон, додека еден од нив се откажа од барањето за надомест.
Еден од сведоците изјави дека неговото семејство било приморано да бара третман во странство поради проблеми со обезбедувањето терапија во Скопје, но поради високите трошоци се вратиле во земјава. Тој сведочеше дека за секоја доза од потребниот лек морал да плати 500 евра мито и дека лекот му бил предаван во канцеларијата на поранешниот директор Васев.
– Немам документи или снимки, не мислев дека ќе ми требаат, но верувам дека сè е заведено во медицинските досиеја – рече сведокот, додавајќи дека не знаел каде би можел да го пријави случајот.
Друг сведок сведочеше дека нејзината мајка, пациентка на Онкологија, не покажала никакво подобрување од дадената терапија и дека пред смртта изразувала сомнежи во третманот.
Бранителот на обвинетата докторка Симонида Црвенкова, адвокат Владимир Туфегчиќ, реагираше дека дел од исказите се „конструирани во контекст на обвинението“ и нагласи дека медицинската документација укажува на тоа дека пациентката имала галопирачка форма на карцином.
Една сведок изјави дека дала пари „од благодарност“, без да биде тоа побарано од Црвенкова, но дека подоцна се чувствувала измамено поради настаните што следеле.
Обвинетата Црвенкова пред Судот истакна дека никогаш не примила или побарала пари:
– Целиот мој живот го посветив на образување и грижа за пациентите. Никогаш не сум побарала, ниту примила средства – рече таа.
Адвокатот на Васев, Дељо Кадиев, се пожали дека обвинителството доставило само дел од записниците од сведоците, со што, според него, одбраната е ставена во нерамноправна положба.
Судењето се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска.
Покрај Никола Васев, обвинети се и лекарите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Постапката претходно се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која ја призна вината и доби условна казна од две години затвор.
Обвинението ги товари обвинетите за продолжени кривични дела „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со погрешно дозирање и без адекватна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката се води уште еден предмет за злоупотреба на службена положба и проневера, со наводна штета за државниот буџет проценета на над 2,2 милијарди денари.