Иван Данаилов (25) во своето сведоштво изјави дека уште на 16-годишна возраст првпат влегол во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога бил малолетник, посочувајќи дека и тогаш, како и кобната вечер на 16 март, во објектот имало малолетни лица.
Тој наведе дека во дискотеката пристигнал околу 00:50 часот, сам, по покана за роденден. Билет купил на билетарата десно од скалите, од лице кое, според него, секогаш било задолжено за продажба на карти. За купената карта, како што рече, никогаш не добивал фискална сметка. На влезот имало обезбедување, но таа вечер не му побарале личен документ. Данаилов посочи дека во минатото имало случаи кога бил враќан поради тоа што бил малолетен.
Според неговиот опис, влезот во дискотеката водел преку скали, по што следувала обична врата, краток ходник и таканаречена „каубојска“ врата што се отвора на двете страни. Тој наведе дека постоел и уште еден влез-излез, лоциран лево во аголот покрај бината, но дека никогаш не видел некој да го користи.
Данаилов изјави дека внатрешноста на дискотеката била реновирана во последната година, при што биле отстранети терасите над шанкот и изменета била бината. Кобната вечер тој се наоѓал во првиот ред, веднаш пред бината. Настапот на групата ДНК започнал околу 02 часот по полноќ, по ди-џеј настап, а дискотеката била преполна, со маси поставени и во средината, што го отежнувало движењето.
Тој не забележал присуство на полиција, но слушнал дека од бината било соопштено дека полицајци влегле во некаква акција, без прекин на забавата. Наведе дека и во минатото во дискотеката се користеле пиротехнички средства, најчесто за специјални пригоди.
Настапот бил прекинат кога од бината било соопштено дека настанал пожар. Во првите моменти, како што рече, не забележал противпожарни апарати, но при излезот се разминал со Михајло кој влегувал со ПП апарат, а, според негово сознание, пожарот почнал да се гаси од бината.
„Немаше ознаки за евакуација. Почна паника, луѓето се удираа, паѓаа еден врз друг“, сведочеше Данаилов. Тој изјави дека паднал на скалите, каде нозете му биле приклештени од други лица, по што му помогнал припадник на обезбедувањето, Столе, кој го извлекол надвор.
По извлекувањето, Данаилов отишол до најблиската бензиска пумпа, купил вода и се вратил да им помага на повредените. Подоцна, како што рече, полицијата го обезбедила просторот кај хотел „Национал“ и го регулирала сообраќајот, без дозвола за повторен пристап до дискотеката.
