Сведоштво од пеколот во „Пулс“: „Децата беа испреплетени на влезот, не можевме да ги извлечеме“

Судскиот процес за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ продолжи со потресни сведоштва на првите спасувачи кои пристигнале на кобната ноќ на 16 март 2025 година. Фокусот на Обвинителството е насочен кон докажување на одговорноста на сопственикот за супстандардните услови во објектот, како и пропустите на обезбедувањето од агенцијата „Рубикон“.

Пожарникарот Благојчо Паунов, кој пристигнал на местото само пет минути по повикот, пред судот детално го опиша хаосот што го затекнал:

„Нашата стандардна процедура е најголем приоритет спасување човечки животи. Mоравме да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим и тие извлекуваа прво, зошто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице моравме да побараме помош од полицијата и двете лица од обезбедувањето и цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата. Послабите полесно, а покрупните потешко и секој различно реагираше. Некои беа избезумени, во шок и грч и моравме да ги носиме до паркинг. Други, пак од паника газеа врз нас и други деца за да излезат. Кога го поднамаливме бројот, во тој момент веќе приметив дека пристигна брзата помош како и повеќе цивили и дека почнале да ги носат до болница“, изјави сведокот.

Паунов сведочеше дека во просторијата на билетарата пронашол над 10 деца кои не давале знаци на живот, по што веднаш била повикана екипа за реанимација.

Пожарникарите се соочиле со огромен проблем при пристапот до објектот. Поради паркираните возила на посетителите на концертот на групата „ДНК“, две пожарни возила не можеле да се разминат.

Според сведокот, приоритет било извлекувањето на децата, а гасењето на пожарот почнало дури откако се ослободил влезот. Тој посочи дека огнот најсилно го зафатил шанкот, каде горел алкохолот. Пожарот бил локализиран дури околу 4 часот наутро, а интервенцијата завршила со извлекување на телата на настраданите на паркингот пред објектот.

На вкрстено прашање на адвокатката на обвинетиот газда на „Пулс” Дејан Јованов-Деко, тој одговори дека не можеле на пристапот да се разминат две пожарни коли зашто биле паркирани колите на гостите на концертот на музичката група „ДНК“, но и да не биле таму паркирани, едвај би се разминале.

Бранителот на членовите на обезбедувањето побара потврда дека и тие учествувале во извлекувањето на децата. Сведокот потврди дека се работело во мешовити тимови и дека не би издвојувал никого посебно.

Исказот на пожарникарот предизвика видни емоции и плачење кај присутните во судницата. Судскиот процес продолжува со сослушување на дополнителни сведоци предложени од Обвинителството.