Светската здравствена организација (СЗО) повика никогаш да не се таргетираат здравствените работници и болниците во рускиот напад врз Украина.
Портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер, во својот говор на прес-конференцијата во Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, рече: „Загрижени сме поради извештаите за напади врз здравствени институции“.
Наведувајќи дека добиле некои непотврдени извештаи за напади врз болници и здравствена инфраструктура, Линдмаер нагласи дека го потврдиле нападот врз болница на 24 февруари.
Линдмаер рече:
„Во напад со тешко оружје врз болница загинаа 4, а повредени 10, од кои 6 здравствени работници. Во моментов сме во процес на проверка на други напади (на здравствени установи). Заштитата на цивилите е обврска според меѓународното хуманитарно право.
Во Русија приведени 6.400 демонстранти
Од друга страна, пак, на истиот состанок, портпаролката на високиот комесаријат за човекови права на ОН, Лиз Тросел, изјави дека добиле извештаи дека од минатиот четврток во Русија се приведени приближно 6.400 мирни антивоени демонстранти.
Тросел истакна дека повеќето од нив биле ослободени за неколку часа, многу од нив биле ослободени откако платиле административни парични казни, а некои биле осудени на затворски казни од 7 до 25 дена според различни закони.
Наведувајќи дека има извештаи за непотребна и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата за време и по приведувањето, Тросел повика на итно ослободување на демонстрантите кои се уште се во притвор.
Тросел додаде дека околу 800 антивоени демонстранти биле приведени и во Белорусија.