Ширењето на Ковид-19 во Кина не треба „значително“ да влијае на Европа бидејќи варијантите што циркулираат таму веќе се присутни на Стариот континент, објави Светската здравствена организација (СЗО). „Сегашното зголемување на бројот на случаи во Кина не треба значително да влијае на епидемиолошката ситуација со Ковид-19 во Европа“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, на онлајн прес-конференција.
Тој ги повика земјите од тој дел од светот само да усвојат мерки „кои ќе бидат пропорционални и не дискриминаторски“ кон патниците кои доаѓаат од Кина. Неколку земји, како САД, Јапонија, Франција и Германија, воведоа обврска за негативен тест за патниците од Кина. Одреден број земји препорачаа да не се патува во Кина доколку тоа не е потребно.
Минатата недела, Европската унија ги повика земјите-членки да го направат задолжително тестирањето на патниците во Кина пред летото, препорачувајќи дека 27-те мора да го следат негативниот тест со „случајно тестирање“ по пристигнувањето на европска почва.
„Земјите се добро подготвени“
Според СЗО, 53 земји во регионот што се протега до Централна Азија се добро подготвени да се борат со Ковид благодарение на високата стапка на вакцинација. Сепак, треба да се одржи високо ниво на контрола, предупредува организацијата на ОН.
„По долги три години од пандемијата, додека во многу земји здравствениот систем е преоптоварен, недостасуваат основни лекови, а персоналот е исцрпен, не можеме да си дозволиме дополнително оптоварување на нашиот здравствен систем“, истакна Клуге.
„Ова може да се случи во случај на нова варијанта на загриженост, каде било и во секое време, вклучително и овде во Европа и во Централна Азија. Врз основа на она што го научивме досега, треба да бидеме способни да предвидуваме, детектираме и реагираме навреме. “, рече Клуге..