Пратеничката на косовското Собрание и претседателка на парламентарната комисија за меѓународни односи Вјоса Османи изјави дека лидерите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, заедно со претставници на Европската Унија, составиле документ од 12 точки за договорот за корекција на границите и дека за тоа постигнале начелна согласност.
Како што пренесува „Газета експрес“, таа кажала дека во документот е предвидена и корекција на границата и некои други прашања кои се однесуваат на сукцесијата.
Според неа, документот нема да оди на ратификација во косовското Собрание, како што се постапи и со договорот од 2013 година меѓу тогашните премиери на Косово и Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ.
Се истакнува дека не станува збор за финален документ туку за нацрт договор.