Арбен Таравари, министер за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, денеска упати честитки и им посака успех на новоформираниот политички субјект ВЛЕН, дел од коалицијата во која до неодамна и самиот учествуваше.
„Вчера ВЛЕН се обедини, им посакувам многу успех. Многу се радувам што се споија трите партии, подобро е да постои една отколку три партии. Им посакувам успех на изборите. Ние како Алијанса за Албанците ќе излеземе со наши сопствени листи и најверојатно со наши кандидати за градоначалници“, изјави Таравари одговарајќи на новинарски прашања.
На прашањето дали тоа значи дека Алијанса за Албанците не е повеќе дел од ВЛЕН и дали петте пратеника кои партијата ги има во Собранието ќе го известат собранискиот спикер Африм Гаши дека ќе дејствуваат како засебна пратеничка група, Таравари вели дека засега нема таква одлука.
„Засега немаме таква одлука, меѓутоа ако се иницира, ние имаме пет пратеници и тие ќе продолжат како една пратеничка група, а ВЛЕН ќе си продолжи со својата пратеничка група“, вели Таравари.
Министерот рече дека тој и АА остануваат на ставот дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен не се потребни.
„Начелно кажав дека не сме за предвремени избори. Има стабилно мнозинство без разлика дали сме во Владата или не. Сметам дека треба да има локални избори. На сите нас како политички партии ни е важно да излеземе со што подобри резултати на локалните избори и да победиме во што повеќе општини каде што ќе може“, подвлече министерот за здравство.
Партиите од владејачката коалиција ВЛЕН синоќа во Скопје го одржаа првиот состанок на претседателството на новиот политички субјект во кој се припоија без партијата на Таравари.