Од Клиниката за токсикологија нема информација за примени млади пациенти поради опасниот „ТикТок предизвик со парацетамол“, изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари. Тој во изјава за медиумите истакна дека првпат ја слуша ваквата информација, додавајќи дека, како што кажа, самиот не ја користи платформата ТикТок.
Таравари се осврна на трендот кој се шири меѓу младите, каде што тие меѓусебно се предизвикуваат кој ќе земе поголема доза од лекот против болки. Парацетамол, како што посочува министерот, е најновиот тренд помеѓу младите на ТикТок, кој може да доведе до сериозни последици. Во Швајцарија, конкретно во кантони како Фрибург, Јура и Вауд, случаите на деца кои се соочуваат со предозирање со парацетамол се зголемуваат, а лекарите предупредуваат на опасноста од злоупотребата на овој лек.
Докторот Нико Беќаровски, познат токсиколог, на својот Фејсбук профил веќе ги предупреди родителите за опасноста од овој предизвик. Според него, труењето со парацетамол е меѓу најсмртоносните труења со лекови. Чак и помали дози, од 10 до 15 таблети, можат да предизвикаат оштетувања на црниот дроб.
„20 до 40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување“, истакна Беќаровски. Тој додаде дека секоја година, помеѓу 30 и 50% од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со парацетамол.
Доколку се случи труење, Беќаровски препорачува веднаш да се дадат 10 таблети медицински јаглен и две кесички АЦЦ (ако не се поминати 2-4 часа од земањето на таблетите), по што треба веднаш да се побара лекарска помош.
Министерот Таравари ги увери граѓаните дека се преземаат мерки за едукација на младите и родителите за последиците од ваквите опасни трендови, и ги поттикна сите да бидат внимателни и одговорни.