Утрово министерот за здравство, Арбен Таравари во изјава за медиуми потврди дека има уште една жртва од трагедијата во Кочани.
Починатиот, кој беше на лекување во Литванија, имал 40 отсто изгореници, а на 1 април му откажале бубрезите. Според првичните информации, се работи за Александар Карадакоски, управителот на дискотеката „Пулс“.
Овој пациент беше еден од четворицата пациенти кои беа во критична состојба.
– Од 1–ви април му откажа работата на бубрезите, практично беше ставен на дијализа. За жал, утрово ја добив лошата информација дека тој починал. Да се надеваме дека другите критични да им се подобри состојбата. Пациентот што почина, 40 отсто од телото му беше со изгореници. На крајот, главниот проблем беше инфекцијата која што ја доби поради огромна површина на рани кои ги имаше на телото. Да се надеваме дека другите критични ќе поминат подобро и да ни се вратат во државата, рече Таравари.
Ова е 60-тата жртва од пожарот во дискотеката во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март.