Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид продолжуваат со силен раст на патничкиот сообраќај во првата половина од 2026 година, соопштија од ТАВ Македонија. Во периодот јануари–јуни, двата аеродроми под концесија на ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП Групација, опслужија вкупно 1.955.648 патници, што е зголемување од 28% во однос на истиот период минатата година. Во истиот интервал беа реализирани 13.167 летови, односно 7,6% повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година. Само во јуни, двата аеродроми заедно регистрираа 374.714 патници, што е раст од 15,6% на годишно ниво.
„Растот од 28% на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година е извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и зголемена атрактивност за авиокомпаниите. Фактот што скопскиот и охридскиот аеродром заедно опслужија речиси два милиона патници за само шест месеци, паралелно со раст од 7,6% на бројот на летови, е резултат на нашата посветеност на развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со партнерите. Остануваме фокусирани на нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Според полугодишните податоци на ТАВ Македонија, најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје е Истанбул (два аеродрома – главниот и Сабиха Гокчен) со 14,2% пазарен удел, а потоа следат Минхен-Меминген (4,5%), Базел-Милуз (4,4%), Дортмунд (4,1%), Цирих (4%) и Франкфурт (3,9%). Најзастапени одредишта по земји, според директни линии од Скопје, се Германија (28,5% од вкупниот патнички сообраќај), Турција (18%), Швајцарија (9,3%), Италија (8,2%) и Шведска (5,8%).
Ако се разгледуваат аеродромите одделно, Меѓународниот аеродром Скопје бележи висок годишен пораст од 28,6% и во првите шест месеци од годинава опслужи 1.833.010 патници. Во истиот период на скопскиот аеродром беа реализирани 12.260 летови, што е зголемување од 6,5% во однос на лани. Аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид оствари пораст од 18,2% со 122.638 патници од јануари до јуни, при што беа реализирани 907 летови, што претставува зголемување од 26%.