Македонија денеска го одбележува еден од најзначајните датуми во културната и историската традиција на Албанците – 22 Ноември, Денот на албанската азбука. По тој повод, во Владата ќе се одржи свечена седница, на која свое обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски, оддавајќи почит на наследството од Битолскиот конгрес.
Овој ден означува точно 117 години од историскиот момент кога интелектуалната елита на Албанците се обедини во Битола за да донесе одлука која ќе го дефинира идниот културен и национален развој – создавање на унифицирана азбука.
Историскиот момент во Битола: Како се обедини јазикот?
Далечната 1908 година, во периодот од 14 до 22 ноември, Битола (тогашен Манастир) беше центарот на албанската преродба. Конгресот се одржа во зградата на клубот „Башкими“ (Единство), а целта беше јасна – надминување на јазичните бариери и создавање на едно, единствено писмо.
Според историските архиви, повикот за учество бил упатен широко, обединувајќи ги сите струи: Албанци Геги и Тоски, странски дипломати, но и филозофи и интелектуалци заинтересирани за ова отворено филолошко прашање.
Архитектите на современото писмо
На Конгресот учествувале 32 делегати со право на глас, кои претставувале 26 градови и различни културни друштва. Тие формирале тела кои ја воделе дискусијата кон конечен договор.
- Претседателство на Конгресот: Со собирот раководел Митат Фрашери како претседател, додека потпретседатели биле Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќириази. Секретарската функција ја извршувале Хил Моси, Тома Аврами и Нужет беј Вриони.
- Комисија за унифицирање: Најтешката задача ја имала специјалната Комисија предводена од Ат Ѓерѓ Фишта. Во нејзиниот состав влегле истакнати имиња како Сотир Пеци, Шахин беј Колоња, Димитр Буда, Дом Ндре Мједа, Бајрам Фехми Топули и Глигор М. Цилка.
Клучниот момент се случил на 20 ноември, на седмиот ден од Конгресот. Во претпладневните часови, на отворена седница, било соопштено историското решение – Комисијата донела едногласна Одлука за создавање на унифицирана албанска азбука, која била потпишана од сите присутни делегати.
Од клуб „Башкими“ до Национален музеј
Денес, објектот каде што се донеле овие историски одлуки е жив споменик на културата. Со одлука на македонската Влада, зградата во Битола е прогласена за Национална установа „Музеј на албанската азбука“.
Институцијата денес има клучна улога во заштитата, истражувањето и научното проучување на музејските предмети поврзани со унифицирањето на азбуката, чувајќи го споменот на деновите кога Битола беше лулка на албанската писменост.