Во неделата наутро (12 октомври 2025), нешто пред 3 часот, во швајцарскиот град Сарганс се случила жестока тепачка меѓу неколку мажи, при што тешко бил повреден 21-годишен државјанин на Србија. Еден од осомничените – 17-годишен Португалец – бил уапсен, додека друг 18-годишен се уште е во бегство.
Според информациите од кантоналната полиција на Санкт Гален, на телефонската линија за итни случаи била пријавена тепачка на улицата Лангграбенштрасе во Сарганс. Полицијата веднаш излегла на лице место, каде затекнала две 20-годишни лица од Македонија и двајца нивни врсници од Швајцарија. Тие не биле повредени и изјавиле дека дошло до конфликт меѓу нив и две лица кои потоа избегале.
Кратко потоа, полицијата добила нов повик дека на железничката станица во Сарганс се наоѓа повреден маж. Станувало збор за 21-годишен Србин со убодна рана во пределот на горниот дел од телото. По укажаната прва помош, тој бил пренесен во болница со тешки, но стабилни повреди.
Истрагата утврдила дека повредениот исто така бил дел од инцидентот на Лангграбенштрасе. Осомничените за нападот се двајца Португалци на возраст од 17 и 18 години. Малолетниот бил пронајден и уапсен во околината на Сарганс, додека за постариот се уште се трага.
Полицијата на кантон Санкт Гален под раководство на Обвинителството спроведува детална истрага за да го утврди точниот тек на настаните и улогата на сите вклучени лица.