Тешка кражба од казино во Бутел – три лица украле над милион денари!

Во предистражна постапка, по наредби на Основното јавно обвинителство Скопје обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение спрема три лица како извршители на кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 2 од Кривичниот законик, сторено на 11 април во казино во Бутел.

Јавниот обвинител поведе истрага, бидејќи постои сомнение дека тројцата се дружиле за да извршат кражба и од казиното одзеле 1.460.856 денари.

Претходниот ден, осомничените –  двајца браќа на возраст од 20 и 22 години, како и 29-годишник вработен во казиното, седеле во кафе бар и се договориле како да ја извршат кражбата.

Според договорот, на критичниот ден, осомничениот вработен во казиното им дал знак кога е погодно време за реализација на кражбата. Браќата дошле со автомобил пред казиното, при што едниот останал во возилото, а другиот маскиран насилно влегол во објектот, се упатил кај касата и првично му покажал пиштол на вработениот – осомничен како да му се заканува. Потоа пиштолот го оставил на пултот  и заедно ја наполниле торбицата со парични средства од вкупниот промет од претходниот ден, со намера противправно да ги присвојат. Веднаш потоа двајцата браќа избегале од местото на настанот.

Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности и исполнетоста на законските основи, до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост за двајца осомничени кои се лишени од слобода. Се предлага забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Судот,  привремено одземање на патните исправи, забрана за посетување на казиното и забрана за приближување, воспоставување или одржување контакти со останатите осомничени.

За третиот осомничен кој е во бегство  предложено е определување мерка притвор која ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното