Тешка сообраќајка на патот Штип-Велес: Едно лице загина, 18 годишник е тешко повреден

Едно лице загина, а 18-годишно момче е тешко повредено во директен судир на два автомобили што се случи попладнево околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес. Поради несреќата и увидот што е во тек, сообраќајот на оваа делница е во целосен прекин во двата правци.

Според информациите од Итната медицинска помош во Велес, нивна екипа била повикана во 14:20 часот и за десетина минути пристигнала на местото на несреќата, на крстосницата кон село Иванковци.

„Констатиравме смрт кај повозрасен маж од едното возило, кој починал на самото место на директниот судир“, изјави д-р Елена Најдовска.

Лекарска помош веднаш му била укажана на 18-годишното момче од Струмица, кое се наоѓало во другото возило. Според докторката, тој имал повреди на карлицата, десното колено и главата, но бил свесен и контактибилен. По укажаната прва помош, момчето е пренесено во Ургентниот центар во Општата болница во Велес.

На местото на несреќата увид врши екипа на СВР Штип, а била повикана и екипа на Противпожарната единица од Велес. Од Автомотосојузот на Македонија во вонреден извештај информираа дека сообраќајот на експресниот пат е во прекин во двата правци до завршување на увидот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.