Работите на стадионот во Тетово моментално се во мирување, бидејќи се чека градежната дозвола. Стадионот има дозвола за реконструкција, додека според Касами, дозволата за градба ќе биде готова наскоро.
„Имаме дозвола за реконструкција и чекаме градежна дозвола. Верувам дека ќе биде и таа дозвола“, рече Касами.
Советот на општината неделава одржа вонредна седница, со која беше одлучено стадионот да биде ослободен од општинската такса. Од општината велат дека стадионот треба да биде готов за 3 години, а можеби и порано.
„Дозволата за изградба на стадионот се уште е во процедура. Советот на општината го ослободи стадионот од исплатата на општинските такси“, велат од Општина Тетово.
Откако ќе се добие одобрение за градба и ќе биде назначен надзорникот за градба, ќе започне поинтензивна фаза на градба. Според договорот, стадионот мора да биде завршен во временска рамка од 3 години. Сепак, постои очекување дека изградбата ќе биде завршена побрзо.
Проектот за изградба на стадионот во Тетово ќе чини 9,7 милиони евра. Додека фирмата која го доби тендерот е „Е-Проперти ДООЕЛ Тетово“.
