„Негова задача била ставање печат со лого на дискотеката. Тој немал работна обврска да ги проверува лицата кои влегуваат и излегуваат.“
Со ова тврдење, Елизабета Панева, бранителка на обвинетиот Мартин Ѓорѓиев (вработен во „Рубикон“), се обиде целосно да го амнестира својот клиент од одговорноста за пропуштање на пиротехниката и малолетниците.
Одбраната тврди дека Мартин не можел да ја спречи трагедијата бидејќи опасните материјали веќе биле внатре. „Пиротехниката била внесена многу порано, пред да дојде Мартин на смена,“ истакна адвокатката.
Панева изнесе и правен аргумент околу овластувањата на приватните обезбедувачи: „Обезбедувачот не е обврзан да врши проверка на секое лице и неговиот идентитет. Тие можат, но не мора да го прават тоа.“
Таа додаде дека не постоел никаков претходен договор меѓу четворицата обвинети обезбедувачи за заедничко вршење на кривично дело, па затоа тезата за „заедничка умисла“ е неодржлива.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ МАРТИН ЃОРГИЕВ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Мартин Ѓорѓиев (26) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Спротивно на тврдењето на одбраната дека само „удирал печати“, Обвинителството во актот наведува:
- Дека тој, заедно со Ивица Грозданов, бил распореден пред влезот сѐ до почетокот на концертот.
- Дека бил задолжен да го контролира пристапот на посетителите.
- Дека не извршил проверка на идентитет (пуштил деца под 18 години) и не извршил преглед за пронаоѓање опасни предмети, со што не го спречил внесувањето на пиротехниката .