Здравје Магазин

Топлотниот бран не влијае само на телото: Експертите предупредуваат на опасност што многумина ја игнорираат

Топлотниот бран не влијае само на телото: Експертите предупредуваат на опасност што многумина ја игнорираат

Топлотните бранови не предизвикуваат само физичка исцрпеност и дехидратација, туку можат сериозно да влијаат и врз менталното здравје. Експертите предупредуваат дека долготрајната изложеност на екстремно високи температури може да ја зголеми анксиозноста, чувството на стрес и психичката напнатост, особено кај лицата кои и онака се соочуваат со ментални нарушувања.

Ел Џеј Џоунс од Британското здружение за советување и психотерапија објаснува дека ваквите реакции се чести за време на топлотните бранови. Според неа, високите температури го оптоваруваат организмот, го забрзуваат срцевиот ритам, го нарушуваат сонот и го зголемуваат ризикот од дехидратација. Сите овие фактори можат да предизвикаат или да ги засилат симптомите што луѓето ги поврзуваат со анксиозноста.

Најранливи се лицата кои веќе страдаат од анксиозни нарушувања, депресија, панични напади или имаат зголемена чувствителност на надворешни влијанија.

Дополнителен проблем претставува чувството на губење контрола. Многумина се загрижени за сопственото здравје, за постарите членови на семејството, децата, домашните миленици, но и за последиците од климатските промени.

„Кога луѓето чувствуваат дека немаат начин да се заштитат од жештините, сосема е разбирливо да почнат да се чувствуваат заробени во сопствениот дом“, вели Џоунс.

Таа нагласува дека психолошкиот товар не го создава само високата температура, туку и чувството на немоќ да се справиме со неа.

Лекарот Асим Чима предупредува дека одредени лекови, особено некои видови антидепресиви, можат дополнително да ја намалат отпорноста на организмот на високи температури. Тој посочува дека антидепресивите од групите SSRI, SNRI и трицикличните антидепресиви можат да влијаат врз регулирањето на телесната температура и потењето, со што се зголемува ризикот од дехидратација, топлотна исцрпеност и топлотен удар.

„Земањето антидепресиви не значи дека не можете да уживате во летото, но значи дека треба да бидете особено внимателни за време на екстремно високите температури“, предупредува Чима.

Експертите советуваат во текот на топлите денови да се внесуваат доволно течности, да се разладуваат просториите, да не се прескокнуваат оброците и да се обезбеди доволно квалитетен сон. Доколку се почувствуваат изразени симптоми на анксиозност, вртоглавица, силна исцрпеност или знаци на топлотен удар, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни