Општинското одделение за внатрешни работи (ОВР) во Кочани има нови раководители. Со последните кадровски решенија, на клучните позиции се именувани Тоше Стојанов и Драганче Даневски, професионалци со богато полициско искуство.
Тоше Стојанов е нов началник на ОВР Кочани, позиција на која доаѓа како наследник на Филип Костовски. Стојанов зад себе има над десетгодишна кариера, во која работел во специјализирани полициски единици, а претходно извршувал и функција на инспектор за сузбивање на недозволена трговија со дрога.
Функцијата командир на Полициската станица од општа надлежност Кочани ја презеде Драганче Даневски, кој доаѓа на местото на Горан Миленковски – Спенсер. Даневски е полициски службеник со речиси три децении работен стаж. Во својата кариера претходно бил заменик-командир, а на новата позиција доаѓа од работното место инспектор за увиди при ОВР Кочани.
Овие кадровски промени во локалната полиција следуваат по трагичниот настан од 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, кој ја потресе јавноста.
