Промени во пристапот кон борбата против недозволената трговија со дрога и поголема координација меѓу институциите биле во фокусот на денешната работна средба во Министерството за внатрешни работи.
На средбата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски разговарале со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во Скопје, Уктам Насиров.
Средбата била иницирана од Тошковски, со цел да се отвори дискусија за унапредување на досегашниот пристап во справувањето со недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции, како и за зголемување на ефикасноста и подобрување на координацијата меѓу надлежните институции.
Во разговорите биле разгледани можностите за користење на експертските капацитети и искуството на UNODC, вклучително и преку организирање јавни и стручни дебати, активности за подигнување на свеста за штетните последици од употребата на дрога и размена на искуства и добри практики од други држави.
Една од темите била и унапредувањето на законската рамка, како и разгледувањето модели што се применуваат во други европски држави.
Во тој контекст, било разговарано за пристап според кој, зависно од видот и количината на пронајдената дрога и околностите на конкретниот случај, одредени дејствија би имале соодветен кривично-правен третман, наместо да се третираат исклучиво како прекршоци.
Истовремено, била нагласена потребата од механизми што ќе овозможат соработка со правосудните органи, но и соодветен здравствен третман и поддршка за лицата со зависност.
Тошковски и Клековски ја истакнале потребата борбата против дрогата да се води преку координиран пристап, во кој покрај полициското и кривично-правното постапување, значајно место ќе имаат превенцијата, здравствената заштита и третманот на зависностите.
На средбата било разговарано и за поддршка на Националната опсерваторија за дроги и зависности, како и за натамошно продлабочување на соработката со Агенцијата за дроги на Европската Унија.
Иницијативата била позитивно прифатена од шефот на Канцеларијата на UNODC во Скопје, Уктам Насиров, кој изразил подготвеност за продолжување на разговорите, размена на експертски искуства и разгледување на добри практики од регионот и пошироко.
На средбата било заеднички оценето дека справувањето со недозволената трговија со дрога бара силен институционален одговор кон криминалните структури, но и ефикасна превенција и соодветен здравствен пристап кон зависностите.