Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска беше подложен на успешна хируршка интервенција во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти самиот министер преку својот официјален Фејсбук профил.
Во својата објава, министерот Тошковски ги информираше граѓаните дека се чувствува стабилно и дека во моментов е под надзор на лекарите.
„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување“, напиша Тошковски.
Тој, исто така, ги увери граѓаните дека Министерството за внатрешни работи продолжува да работи со полн капацитет и покрај неговото привремено отсуство.
„Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните“, се вели во објавата.
Министерот Тошковски најави дека ќе се врати на редовното извршување на своите обврски во полн капацитет веднаш по завршувањето на периодот на опоравување.