Балкан

Трагедија во Хрватска: Србин уби Црногорец, полицијата истражува дали се работи за нарачано убиство

Утрово се случи убиство на хрватскиот остров Паг. Имено, српски државјанин пукал во црногорски државјанин пред популарен ноќен клуб додека, како што пренесуваат хрватските медиуми, сѐ уште имало луѓе во клубот. Според очевидците на овој трагичен настан, Црногорецот бил застрелан во главата.

Присутните веднаш се обиделе да му помогнат на младиот човек и да го реанимираат додека да дојде екипата на Итната медицинска помош. За жал, повредениот починал на патот кон болницата.

Хрватската полиција соопшти дека утринава околу шест часот добила пријава дека едно лице е рането од огнено оружје во Колањски Гајец на островот Паг. На местото на инцидентот биле испратени полициски службеници, а набрзо во полициските простории било приведено лице поврзано со наведениот настан. Оттаму велат дека истрагата е во тек.

Шефот на полициското одделение на Паг Жељко Бљајиќ даде изјава за новинарите во врска со овој инцидент.

„Утрово полицијата добила дојава дека машко лице е рането од огнено оружје. Осомничениот е уапсен, а ранетиот починал на пат кон болница. Не можам да коментирам дали се работи за нарачано убиство, ниту пак за типот на оружјето“, рече тој.
Како што истакна Бљајиќ, хрватската полиција во моментов е во контакт со нивните колеги од Србија и Црна Гора и заедно работат на расветлување на ова кривично дело, пренесуваат хрватските медиуми.

Неофицијално, полицијата ја истражува и можноста дека се работи конфликт од мафијашки кругови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни