Парламентот во Албанија пленарна седница ја започна со едноминутен молк, поради вчерашната трагедија во Македонија. Претседателот на тамошното Собрание Грамоз Ручи, ги повика сите пратеници да одржат едноминутен молк во чест на жртвите кои загинаа во страотната несреќа.
„Денешната жалост во соседната земја, во нашата совест уште толку го зацврстува фактот дека нашата судбина е заедничка, заедничка судбина на која на оваа седница ќе ѝ се одаде сочувство преку ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Бројот на загинатите и повредените во трагичната несреќа, во која мнозинството се Албанци, ја прави уште поемотивна нашата поврзаност со Република Северна Македонија“, изјави Еди Рама – премиер на Албанија.
И Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изрази сочувство до семејствата на починатите.
„Најдлабоки сочувства до семејствата на жртвите во несреќата на автопатот Скопје-Тетово, а на повредените им посакувам што поскоро закрепнување. Сочувство и до раководителите на институциите, како и до сите граѓани на Република Северна Македонија“, изјав Хашим Тачи – претседател на Косово.
„Чувствуваме длабока жалост за трагичната несреќа на автопатот Скопје-Тетово. Во нашите мисли се семејствата на жртвите и нивните блиски. Искрено сочувство и солидарност со граѓаните и Владата на Северна Македонија“, се вели во испратеното соопштение од Министерството за надворешни работи на Грција.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, преку фејсбук изрази сочувство до семејствата на загинатите. Телеграма со сочувство, до премиерот Зоран Заев испрати и членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ. Со жителите на Македонија се солидаризираше и Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Амбасадата на САД во Скопје, по несреќата го спушти знамето на пола копје. Американскиот амбасадор, Џес Бејли.
„Длабоко потресени од трагичната загуба на животи на автопатот Скопје-Тетово. Во име на Амбасадата на САД во Скопје, изразуваме искрено сочувство до семејствата на жртвите и жителите на Гостивар. Нашите мисли и молитви се со сите повредени, посакувајќи им побрзо закрепнување“, вели Џес Бејли – Амбасадор на САД во Македонија.
Знамињата на институциите во целата држава се спуштени на половина копје. На синоќешната вонредна седница на владата прогласена е дводневна жалост.
РЕПОРТЕРКА: САЛИЈЕ САДИКУ