„Кога емоциите ќе го преминат прагот на судницата, задачата на правдата е да остане на своето место. Оваа несреќа не може да се сведе на потпис на административен службеник кој утврдувал комплетност на документација.“
Со оваа порака, адвокатката Софија Лаличиќ, бранител на обвинетиот Беким Хаџиу (службеник во Министерство за економија), побара од судот да не дозволи „раната од 63 загинати“ да падне врз грбот на обични административци.
Одбраната направи јасна дистинкција меѓу административната и техничката одговорност. „Овие лица не се креатори на трагедијата. Не се оние кои требало да проверуваат хидранти, инсталации и излези. Не се оние што го преполниле клубот, ниту оние кои ја внеле пиротехниката,“ истакна Лаличиќ.
Таа нагласи дека Хаџиу (кој постапувал по 6 лиценци) и обвинетата Арлинда Касапи (која постапувала по 3 лиценци) работеле строго според своите законски овластувања – да проверат дали документите се „на број“, а не дали објектот е безбеден.
„Судницата не е место за утеха, туку за утврдување на фактичка состојба,“ заклучи одбраната.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРАТ БЕКИМ ХАЏИУ И АРЛИНДА КАСАПИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Беким Хаџиу (43) и Арлинда Касапи (50) се државни службеници во Министерството за економија и се товарат за „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството тврди дека нивната улога не била само „штиклирање“, туку суштинска контрола која потфрлила:
- Беким Хаџиу: Како службеник, ги контролирал предметите за издавање лиценци во период од 2014 до 2023 година. Се товари дека ги одобрил лиценците иако знаел дека пријавите се непотполни (непополнети рубриќи за излези за итни случаи и хигиена) и дека адресата на објектот не соодветствува со реалната.
- Арлинда Касапи: Ги контролирала лиценците во 2015, 2019 и 2023 година. Се товари дека одобрила лиценца иако немало доказ за платена такса и иако знаела дека објектот нема соодветна вентилација и излези, а во 2023 година учествувала во одобрувањето на фалсификуваниот проект на „Венци Проект“.