„Трактор револуција“ кај јужниот сосед: Жестоки судири на Крит, „Евзони“ целосно блокиран – хаос и на македонските граници

Земјоделските протести во Грција ескалираат во отворен конфликт и сообраќаен колапс. Грчките фармери ги интензивираа блокадите на клучните гранични премини и главните автопатишта, а ситуацијата кулминираше со насилство на островот Крит. Последиците директно ги чувствуваат и македонските граѓани и превозници, со оглед на тоа што главниот граничен премин кон јужниот сосед е целосно парализиран.

Тензиите во Грција зовреа откако преговорите со владата не вродија со плод, што ги натера земјоделците да ја извадат тешката механизација на патиштата кон Македонија, Бугарија и Турција.

Солзавец и повлекување на полицијата на Крит

Најдраматичните сцени пристигнуваат од Крит. Во близина на аеродромот дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Иако безбедносните сили се обиделе да ја разбијат толпата употребувајќи солзавец, гневот на земјоделците бил посилен. Полицијата, соочена со масовноста и решителноста на демонстрантите, била принудена да се повлече пред гневната толпа.

Сообраќаен инфаркт на границата со Македонија

За македонската јавност најзагрижувачка е состојбата на северната грчка граница.

  • ГП „Евзони“ (Богородица): Преминот е целосно блокиран за влез и излез на сите видови возила. Земјоделците од регионите Пеонија и Јаница таму имаат паркирано над 300 трактори, создавајќи непробоен бедем.
  • ГП „Ники“ (Меџитлија): Воведена е блокада за товарни возила и автобуси, што го оневозможува трговскиот и туристичкиот транспорт.
  • ГП „Дојран“: Поради блокаде на главните правци, сообраќајот се прелева кон Дојран, каде што веќе се создаваат поголеми задржувања и колони.

Мицотакис бара дијалог, земјоделците бараат пари

Во обид да ја смири ситуацијата, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис упати јавен повик до земјоделците за дијалог. Сепак, фармерите засега одбиваат да се повлечат од улиците.

Нивните барања се јасни и егзистенцијални:

  1. Итна исплата на заостанатите субвенции;
  2. Мерки против енормно високите трошоци за производство (гориво, ѓубрива);
  3. Корекција на ниските откупни цени кои го прават земјоделството нерентабилно.

Додека не се постигне договор, се очекува блокадите да продолжат, што бара зголемено трпение од сите кои планираат патување кон или низ Грција.