Балкан

Трактори повторно на улиците во Солун: Земјоделците најавија голем протест

Трактори повторно на улиците во Солун: Земјоделците најавија голем протест

Голем земјоделски протест е најавен за 5 септември во Солун, во период кога градот ќе биде во центарот на вниманието поради отворањето на 90-тиот Меѓународен саем. Земјоделци од повеќе делови на Грција ќе пристигнат со трактори и ќе се соберат кај Белата кула, каде протестот е најавен да започне во 17 часот.

Земјоделските производители повторно ќе ги изнесат своите барања поврзани со состојбата во секторот. Меѓу приоритетите се обезбедување стабилни приходи, намалување на трошоците за производство и промени во системот за земјоделско осигурување.

Тие бараат и заштита на субвенциите, како и воведување ограничувања за увозот, со цел поголема заштита на домашното производство.

На листата на барања се и мерки за олеснување на финансискиот товар на земјоделците, вклучително и отпишување на натрупаните долгови. Земјоделците бараат и повисоки пензии, како и соодветни компензации за загубите што ги претрпел секторот.

Најавениот протест претставува продолжение на незадоволството што земјоделците го изразија во јануари годинава. Тогаш тие ги прекинаа блокадите на главните сообраќајници во земјата, но порачаа дека повторно ќе преземат порадикални мерки доколку нивните барања не бидат исполнети.

Сега токму отворањето на Меѓународниот саем во Солун е избрано како момент за нов масовен протест, со кој земјоделците сакаат повторно да извршат притисок врз грчките власти.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни