Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Мексико нема да мора да плаќа тарифи за стоки опфатени со трговскиот договор меѓу двете земји и Канада до 2 април. Трамп не потврди дали суспензијата се однесува и на Канада, но Канаѓаните очекуваат изземање „од иста природа“, изјави за Би-Би-Си извор од канадската влада.
Да потсетиме, тој вчера веќе најави дека времено ќе ги поштеди производителите на автомобили од увозни даноци од 25 проценти само еден ден откако ќе стапат на сила.
Американскиот секретар за трговија Хауард Лутник претходно денеска најави дека привременото ослободување од царините за увоз на автоделови од Канада и Мексико може да се прошири на сите производи кои се дел од Договорот на САД, Мексико и Канада (USMCA).
USMCA беше основана за време на првиот мандат на Трамп. 34-те поглавја од договорот се однесуваат на автомобили, млечни производи и дрва, но и финансиски услуги. Договорот предвидува ревизија на секои шест години.
Трамп се огласи на својата социјална мрежа Truth Social.
„По разговорот со мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, се согласив дека Мексико нема да мора да плаќа тарифи за ништо што спаѓа во договорот USMCA“, рече тој.
“Ова важи до 2 април. Го направив тоа од почит кон претседателот Шејнбаум. Нашите односи беа многу добри и работиме напорно заедно на границата, како во однос на спречувањето на илегалните мигранти да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанил. Благодарам на претседателот Шејнбаум за вашите напори и соработка”, додаде тој.
Шејнбаум рече дека разговорот со Трамп бил „одличен и со почит“. Таа додаде дека двете земји ќе работат заедно за да го запрат протокот на опиоидниот фентанил од Мексико во САД и да ја ограничат трговијата со оружје што оди во спротивна насока.
Трамп: Трудо го користи ова прашање за повторно да се кандидира за премиер
Канадскиот премиер Џастин Трудо им рече на новинарите дека коментарите на Лутник кои сугерираат дека одложувањето на тарифите може да се однесува на Канада се „ветувачки“. Подоцна се очекува да биде објавено ослободување за Канада, и покрај тоа што Трамп го нападна Трудо на социјалните мрежи во изминатиот час, велејќи дека направил „ужасна работа“ за Канада.
„Верувале или не, и покрај ужасната работа што ја работи за Канада, мислам дека Џастин Трудо го користи проблемот со тарифите, што на голема мера го предизвика, за повторно да се кандидира за премиер. Многу забавно за гледање“, напиша Трамп.
Во исто време, премиерот на Онтарио, Даг Форд, објави за Си-Ен-Ен дека канадската провинција ќе продолжи со тарифите од 25 отсто за електричната енергија со која се снабдуваат 1,5 милиони домови и бизниси во Њујорк, Мичиген и Минесота од понеделник.