Трамп: Израел може да продолжи со борбата ако Хамас не ги исполни условите на договорот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за Си-Ен-Ен дека ќе размисли да им дозволи на израелските сили да продолжат да се борат во Газа доколку Хамас не го исполни својот дел од договорот за прекин на огнот.

„Израел ќе се врати на улиците (на Газа) штом ќе го кажам зборот. Доколку Израел можеше да влезе и да ги уништи, ќе го стореше тоа“, изјави Трамп за Си-Ен-Ен во краток телефонски разговор кога го прашаа што би се случило ако Хамас одбие да се разоружа.

И покрај кревкото примирје што е во сила засега, тензиите меѓу Израел и Хамас повторно растат откако стана јасно дека не сите делови од мировниот план на Трамп се целосно имплементирани.

Израел го обвинува Хамас за кршење на договорот за размена на заложници, велејќи дека, спротивно на своите обврски, телата на сите починати заложници не се вратени. Израелската војска дополнително тврди дека едно од предадените тела воопшто не му припаѓа на израелски заложник. Досега, Хамас ги ослободи сите 20 живи израелски заложници.

Според договорот за прекин на огнот меѓу Израел и исламистичката група, Хамас е должен да предаде вкупно 28 тела. Во соопштението објавено заедно со последното предавање во среда, Хамас соопшти дека ги предал сите тела на заложниците до кои моментално можел да пристапи и затоа ги исполнил своите обврски според договорот за прекин на огнот.

„За преостанатите тела на затворениците се потребни значителни напори и специјална опрема за нивно пребарување и враќање, а ние вложуваме големи напори за да го затвориме ова досие“, се вели во соопштението.

Се верува дека многу од останките на заложниците се закопани под урнатините на бомбардираните згради или во тунелските окна, по две години конфликт во Појасот Газа.

Израел продолжува да инсистира на враќање на сите мртви заложници.