Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека Палестинците нема да имаат право да се вратат во Газа како дел од планот според кој САД би ја преземале контролата врз оваа територија.
„Не, тие не би го имале тоа право, бидејќи ќе имаат многу подобри услови за домување“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз, додавајќи дека планира да изгради трајна населба за Палестинците надвор од Газа, објави Гардијан.
Трамп претходно изјави дека САД се посветени на купување и преземање контрола врз Газа откако Палестинците ќе ја напуштат или ќе бидат отстранети од територијата. Оваа изјава што ја даде на 4 февруари за време на посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон, предизвика бројни меѓународни реакции.
„Кога станува збор за обновата, можеби ќе им оставиме на други земји на Блискиот Исток да обноват одредени делови, или други луѓе ќе го направат тоа, но под наш надзор“, рече Трамп. „Но, ние сме решени да ја преземеме сопственоста на Газа, да ја контролираме и да се погрижиме Хамас никогаш да не се врати.