Трамп потпиша извршна наредба: Софтверски гигант го презема американскиот Тик Ток

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се потврдува рамковниот договор за одвојување на Тик Ток од кинеската компанија ByteDance и префрлање на мнозинскиот сопственички удел на американските операции на платформата на американски инвеститори.

Според извори од Белата куќа, овој потег би овозможил Тик Ток да продолжи да работи во САД, но под домашна контрола и построг надзор врз неговите податоци и алгоритам што препорачува содржина на корисниците.

Конзорциум предводен од софтверскиот гигант ќе го преземе американскиот дел од TikTok

Според планот, конзорциум предводен од американскиот софтверски гигант Oracle ќе ги преземе американските операции на Тик Ток , ќе обезбеди cloud услуги за складирање на податоците на американските корисници и ќе лиценцира копија од клучниот алгоритам за препораки. Белата куќа вели дека ByteDance и кинеските власти повеќе нема да имаат пристап до податоците на американските корисници.

Медиумските извештаи сугерираат дека американските инвеститори ќе поседуваат околу 80 проценти од новата американска компанија, додека ByteDance и други кинески инвеститори ќе задржат малцински удели, иако некои извори велат дека конечната структура на сопственост може да варира додека не се финализира трансакцијата.

Меѓу имињата што се појавуваат во конзорциумот се „Оракл“, фирмата за приватен капитал „Силвер Лејк“, медиумскиот магнат Руперт Мардок и неговиот син Лахлан, и Мајкл Дел, основачот и извршен директор на „Дел“. Во извештаите се споменува и можноста за инвестиции од Обединетите Арапски Емирати, а „Волстрит џурнал“ објави дека американската влада би можела да побара од конзорциумот еднократна такса од повеќе милијарди долари за да ѝ дозволи на апликацијата да продолжи да работи на американскиот пазар.

Трамп, како што објави на својот профил на „Трут Сошнал“, во петокот разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг и му се заблагодари за одобрувањето на договорот. Прелиминарниот договор става крај на месеците правна неизвесност околу судбината на „ТикТок“ во САД: Конгресот минатата година донесе закон со кој го принуди „БајтДенс“ да ја продаде својата американска единица или да се соочи со забрана, а Врховниот суд кон крајот на јануари едногласно ја потврди забраната доколку продажбата не се случи.

ТикТок има дури 180 милиони американски корисници

На првиот ден од неговиот мандат, Трамп потпиша наредба со која привремено се одложува спроведувањето на забраната, а во последните месеци постојано се обидуваше да преговара за да избегне целосно исклучување на апликацијата за американските корисници.

ТикТок го користат стотици милиони луѓе во САД – проценките се околу 180 милиони корисници – а платформата има големо влијание врз медиумите и политичкиот простор. Затоа, администрацијата верува дека префрлањето под контрола на САД би ѝ овозможило на апликацијата да продолжи да биде достапна за корисниците, а во исто време на американските компании би им дало значително влијание врз една од најмоќните социјални мрежи.

Во исто време, трансакцијата, доколку се реализира, ќе биде уште еден пример за проширување на влијанието на американската влада во технолошкиот сектор, по неодамнешните потези како што е купувањето малцински удел во производителот на чипови.

Додека деталите од договорот се финализираат и се предмет на регулаторна контрола, останува да се види колку ќе ги промени пазарните односи во секторот и дали практичните гаранции за заштита на податоците и независноста на алгоритмите ќе ги задоволат законодавците и регулаторите.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.