Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за испраќање неколку илјади војници во Иран со цел да ги оствари своите воени цели. Иако секоја копнена операција во Иран би претставувала голем ризик, ваквата опција наводно се разгледува поради растот на цените на енергенсите, притисокот од неговата Републиканска партија и сè поголемите несогласувања со сојузниците.
Се проценува дека таква акција би можела да има стратешко значење за брзо завршување на војната, објави НБЦ Њус, повикувајќи се на неименувани американски извори.
Можни воени сценарија
Според информациите, се разгледуваат неколку опции. Една од нив предвидува обезбедување на Ормуски теснец преку заземање на ирански пристаништа или острови во Персискиот Залив, со цел да се намали заканата за бродскиот сообраќај.
Други сценарија вклучуваат специјални операции за заплена на преостанатите залихи на збогатен ураниум, како и воено преземање на клучни нафтени постројки. Целта би била да се пресечат изворите на финансирање на иранскиот режим и да се принуди на отстапки.
Изворите наведуваат дека ниту една од опциите не предвидува масовно распоредување на сили како во конфликтите во Ирак и Авганистан. Големината и времетраењето на евентуалната мисија би зависеле од избраната стратегија – од кратки операции со неколку стотици командоси, до ангажман на неколку илјади војници кои би останале во Иран со недели.
