Американскиот претседател Доналд Трамп на X објави дека воведува реципрочни царини во трговската политика на Соединетите Американски Држави.
Во превод, тоа значи дека Америка ќе ја наплаќа истата тарифа што ја наплаќаат другите земји на Америка.
„За целите на оваа американска политика, ќе ги сметаме земјите кои користат систем за ДДВ, кој е многу порепресивен од царините, за слични на царинскиот систем“, рече Трамп.
Тој предупреди и дека нема да се дозволи пренасочување на стоки преку трети земји со цел, како што вели, да и се наштети на американската економија.
Дополнително, новата политика ќе вклучува контрамерки на странските субвенции што одредени земји ги користат за да стекнат неправедна економска предност во однос на САД.
Трамп посочи дека ќе бидат пресметани и нетарифните трговски бариери, како што се административните бариери кои ги спречуваат американските компании да работат на странските пазари.
„Таков систем ќе обезбеди правичност и просперитет во досега сложениот и нефер трговски режим“, нагласи Трамп, додавајќи дека САД историски им помагале на многу земји по големи финансиски трошоци, но сега очекуваат фер третман и еднакви услови за американските работници.
Тој ги задолжи државниот секретар, секретарот за трговија, секретарот за финансии и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) за спроведување на новата трговска политика, се вели во најавата на Трамп.
„Ова е фер кон сите. Ниту една земја не може да се жали, и ако мислат дека царините се превисоки, сè што треба да направат е да ги намалат или укинат царините за нас“, заклучи Трамп, нагласувајќи дека нема да има царини за производите произведени во САД.