Иако Основниот кривичен суд пред десет месеци го осуди Љубе Крстевски на три месеци затвор за убиството на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди, Апелацискиот суд ја преиначил пресудата и наместо затвор изрекол парична казна.
Според пресудата од 17 февруари годинава, во која увид имал „Слободен печат“, за кривичното дело убивање и мачење животни на Крстевски му била прифатена жалбата, а затворската казна заменета со 90 дневни глоби од по 20 евра, односно вкупно 1.800 евра или 110.700 денари.
Првично, Крстевски беше осуден на три месеци затвор, додека второобвинетиот Билбиловски доби парична казна од 100 дневни глоби. Тогаш за првпат во Македонија беше изречена затворска казна за ваков вид кривично дело.
Во жалбата до Апелација, адвокатот на Крстевски навел дека судот требало да ги цени петте видеоснимки доставени од одбраната, за кои тврдел дека покажуваат оти кучето било агресивно и напаѓало во кругот на објектот. Дополнително, побарал да бидат земени предвид фотографии, изјави на обвинетите и сведоци, како и медицински белешки, наведувајќи дека обвинетиот по првото рочиште бил нападнат од активист на „Лајка“.
Одбраната побарала условна или парична казна, додека Вишото јавно обвинителство се спротивставило и побарало потврдување на првостепената пресуда.
Сепак, Апелацискиот суд не ги прифатил ваквите наводи. Во образложението се наведува дека кучето Феликс, кое тежело околу 15 килограми, им пристапувало на луѓето, но не ги напаѓало. Судот оценил дека фактот што животното вршело физиолошки потреби во кругот на објектот не може да биде оправдување за нанесување удари поради неговото природно и инстинктивно однесување.
Дополнително, судот оценил дека доколку кучето било навистина опасно, тоа требало да биде пријавено кај надлежните институции, што во овој случај не било направено.