Потврдени се три нови случаи на западнонилска треска, со што вкупниот број се искачи на 34, соопштија од Центарот за јавно здравје. Првпат оваа сезона вирусот е детектиран и кај жител од скопското Арачиново.
Најмногу случаи се евидентирани во општините Кисела Вода и Аеродром, а речиси половината од нив потекнуваат од населбата Драчево.
„Нов случај денеска имаме во Арачиново, првпат таму е детектиран случај. Има канали, базени, застојани води и можеби тоа е причината. Постојат услови за размножување на комарците“, изјави епидемиологот Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.
Според Бајрами, наредната година треба порано да се започне со дезинсекција, како и да се направи анализа дали комарците развиле отпорност на користените средства, за тие навремено да се изменат доколку е потребно.
Досега во земјава се регистрирани два смртни случаи поврзани со западнонилската треска.
Центарот за јавно здравје – Скопје на 12 август прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Објавено: сабота, 15 август 2026, 20:59 часот.