Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело – Неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост од член 266-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, во текот на месецов, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чијшто промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.