Инцидент со труење со храна се случил во РЕК Битола. Според првичните информации, огромен број вработени од рудниците и од Фабриката за опрема и делови (ФОД) се соочуваат со симптоми на труење, поради што голем дел од нив побарале итна лекарска помош.
Речиси половина од вработените во рудниците на РЕК Битола ги почувствувале симптомите и не се во можност да ги извршуваат своите работни задачи, велат вработени за нашата редакција.
Директорот на РЕК Битола Горан Исков демантира дека станува збор за масовен број.
„Станува збор за 4-5 лица кои досега пријавиле симптоми. Нашите кујни се во сите стандарди и во моментов се вршат проверки“, вели Исков во изјава за 4news.mk
Со оваа изјава, раководството директно ги демантира гласините дека речиси половина од работниците во рудниците и цела смена од Фабриката за опрема и делови (ФОД) биле исфрлени од строј и завршиле во амбуланта поради консумирање на неисправна храна.
Во официјалното соопштение од медиумите пишуваат:
„Нема масовно труење со храна во РЕК Битола, станува збор за 4-5 лица кои побарале помош на болница, додека други вработени само си заминале повикувајќи се на потенцијални тегоби, што може да се препише на користење на момент за да се напушти работното место, бидејќи не побарале лекарска помош. Имено време е на вируси, па дали лицата имаат труење од кујната во РЕК или од друг вирус ќе се утврди по вонредниот инспекциски надзор. Имено на дневна основа се земаат мостри од храната со која се утврдува и потврдува квалитетот на храната. Во овој случај ние не сме во можност да утврдиме дали вработените ја изеле храната кога ја подигнале или истата ја јаделе многу подоцна за што ние немаме увид ниту пак може да гарантираме дека истата била чувана во соодветни услови или истата се расипала, па на тој начин дошло до труење кај овие лица.“
