Во изминатите два месеци во Истанбул починале 30 лица од труење со фалсификуван алкохол, а овој проблем во Турција станува „вистински кошмар“, пишува весникот „Хуријет“, пренесува Танјуг. Турското Врховно јавно обвинителство и полицијата, откако најмалку 59 лица во Анкара починаа од труење со домашно произведена ракија без дозвола, разоткри неколку лица кои правеле и продавале фалсификуван алкохол следејќи ги нивните контакти, пренесува Танјуг.
Поради големиот број починати и оние кои претрпеле трајни здравствени проблеми по труење со алкохол, обвинителството и полицијата активирале систем за следење на повиците во Анкара и на тој начин стигнале до оние кои се занимаваат со производство и трговија со алкохолни пијалаци без дозвола, пренесува Танјуг. Во првата фаза од истрагата во Анкара уапсени се 28 лица, а во досиејата на осомничените за „криумчарење“ и „предизвикување смрт со умисла“ се додадени токсиколошки извештаи од Институтот за судска медицина.
Според информациите, уапсените тврделе дека пијалакот го произведувале за свои потреби, а не за понатамошна продажба и дека самите ја пиеле ракијата или им ја давале на пријателите. Еден од осомничените Јусуф Кенан К. изјавил дека етил алкохол набавил од веб-страница, но не се сеќава која. Неговиот пријател починал од ракијата што ја направил.
38 лица сè уште се во тешка состојба на интензивна нега во болницата во Анкара, а специјалистот за итна медицина Јунус Емре Ердоган истакна дека труењето со алкохол може сериозно да го загрози здравјето и животот.
Во овие пијалаци наместо етил алкохол се користи метилалкохол (метанол), поевтина и подостапна супстанца. Метанолот во суштина е индустриски растворувач и гориво. Тој е исклучително токсичен за човечкото тело.
Фалсификуваниот алкохол може да содржи и разни хемикалии, бои, есенции и адитиви. Секоја од овие супстанции може да претставува различен ризик по здравјето, а најопасна е труењето со метанол. Кога дестилацијата не се прави правилно, пиете не само етил алкохол, туку и токсичен метилалкохол – објасни д-р Ердоган и додаде дека метанолот претерано ги оптоварува бубрезите и црниот дроб, може да го оштети централниот нервен систем, да предизвика парализа, слепило, да го запре срцето, и да предизвика трајно оштетување на мозокот.