Македонија

Царината спречи шверц на кокаин, МДМА и метамфетамин преку поштенски пратки

Царината спречи шверц на кокаин, МДМА и метамфетамин преку поштенски пратки

Царинската управа спречи обид за нелегален внес на наркотични дроги во државата, откако во поштенски пратки пристигнати од Франција беа откриени повеќе видови наркотични супстанции наменети за лице во земјава.

Како што соопштија од Царинската управа, случајот бил откриен по претходно добиена разузнавачка информација, по што биле преземени засилени контроли на пратките кои пристигнале во Царинската испостава Пошти.

При скенирање на четири поштенски пратки со ДВД и ЦД-дискови, наменети за лицето Ј.Е., царинските службеници забележале сомнителна содржина. Потоа бил ангажиран мобилен царински тим и царинско куче, а дополнителните проверки потврдиле дека во пратките се сокриени наркотични дроги.

Според информациите, биле пронајдени 12,5 грама метамфетамин, 20 грама МДМА и осум грама кокаин.

По откривањето на дрогата, случајот бил преземен од Одделението за истраги при Царинската управа, кое во координација со надлежен јавен обвинител спровело предистражни дејствија.

Во моментот на примопредавање на пратката, инспектори го привеле осомничениот Ј.Е., по што бил извршен претрес во домот каде живеел со сопругата.

При претресот биле пронајдени и две стаклени шишенца со зелена растителна материја со интензивен мирис, две стаклени лулиња за консумирање марихуана, како и 33 ампули тестостерон.

Сите пронајдени предмети и наркотични супстанции се одземени и испратени на вештачење. По комплетирање на постапката, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни