Цеков ги отфрли обвинувањата: „Ниту јас ниту моето семејство сме добиле тендери“

Пратеникот Миле Цеков во емисијата Ноќно студио на 4ТВ ги отфрли обвинувањата поврзани со наводни бизнис-поволности, оценувајќи ги како неосновани и тенденциозни.

„Искрено, ова ми беше смешно. Ниту некој од мојата фамилија побарал или добил тендер, вработување или лиценца. Ако постои нешто, нека се објави веднаш и нека ме демантираат“, изјави Цеков.

Се вчитува...

Тој нагласи дека доаѓа од приватниот сектор и дека неговото семејство со децении работи без државна поддршка.

„Мојата фамилија 30 години функционира без државни тендери. И јас доаѓам од реалниот сектор, како и од Стопанската комора, каде што осум години бев претседател на регионалната комора за југоисточниот регион“, рече пратеникот.

Цеков додаде дека во текот на неговиот ангажман помагал домашни компании да се претстават на меѓународни саеми, посочувајќи дека има директно искуство со бизнис-секторот.

Воедно, тој упати критики кон, како што рече, политички структури кои, според него, немаат допир со реалната економија.

„Овие обвинувања повеќе зборуваат за тие што ги изнесуваат. Ако не се функциите и партијата, тие не се способни за ништо друго. Не знаат како функционира реалниот сектор“, истакна Цеков.

Како пример, тој посочи случај со лице поврзано со ЗНАМ, за кое тврди дека добило тендер вреден 1,2 милиони евра за одржување во Македонски пошти.

„Дали тоа беа идеалите и принципите за кои се боревме?“, праша Цеков.