Цените на нафтата растат

Цените на нафтата се искачија над 96 долари на меѓународните пазари, бидејќи најавата на водечките производители за значително помала понуда од ноември ги надмина стравувањата од рецесија поради повисоките каматни стапки во големите економии.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 1,7 долари од вчерашното затворање и изнесуваше 96,12 долари. Речиси за исто толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 90,17 долари.

Пазарите беа поттикнати оваа недела со одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, да го намалат снабдувањето од ноември.

Само еден месец подоцна, Европската унија ќе воведе ембарго на руската нафта што се испорачува со бродови, со што ќе се намали понудата на и онака тесниот пазар.

„Една од клучните последици од најновото намалување (производството) на ОПЕК најверојатно ќе биде враќањето на нивото од 100 долари“, рече Стивен Бренок од PVM.

„Сепак, растот на цените веројатно ќе биде ограничен од се побројните неповолни трендови во економијата“, додаде Бренок.

Цените се уште се далеку пониски отколку во март, за време на почетната фаза на руската инвазија на Украина, кога се приближија до 147 долари, што е највисоко ниво од почетокот на тргувањето со фјучерси на нафтата.

„Бидејќи цената на барелот во Лондон сега се стабилизира во опсегот од 90 до 100 долари, групата најверојатно ќе биде задоволна од исходот, и покрај сè уште многу неизвесните изгледи за економијата“, рече Крег Ерлам од ОАНДА, мислејќи на ОПЕК +.

ОПЕК денеска не ја објави цената на барел од нафтената кошничка на своите членки во четвртокот. Во средата неговата цена беше 94,05 долари.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното