Цените на нафтата скокнаа

На светските пазари, цените на нафтата скокнаа за околу 7 проценти минатата недела откако Вашингтон воведе санкции врз најголемите руски производители на нафта поради војната во Украина.

Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за 7,6 проценти минатата недела, на 65,94 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 6,9 проценти, на 61,50 долари. Цените значително пораснаа пред пет дена во вечерните часови кога американскиот претседател Доналд Трамп објави санкции за руските нафтени гиганти Лукоил и Роснефт, кои заедно произведуваат повеќе од пет проценти од светската нафта.

Трамп рече дека ја откажал планираната средба со рускиот претседател Владимир Путин бидејќи разговорите за војната во Украина нема да го дадат резултатот што тој го посакува. Со санкционирањето на „Роснефт“ и „Лукоил“, Вашингтон сака да ги намали руските приходи од нафта и гас, кои сочинуваат околу една четвртина од рускиот буџет, и со тоа да ја принуди Русија да преговара за мир со Украина.