Цените на нафтата се искачија над 94 долари на меѓународните пазари поради загриженоста за понудата и послабиот долар. Цената на барелот на лондонскиот пазар по пладне беше за 54 центи повисока од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 94,06 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 80 центи поскапо, по 86,12 долари.
Трговците се загрижени од одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници да ја намалат понудата за два милиони барели дневно од ноември и неодамнешното стапување на сила на ембаргото на Европската унија за руската нафта и деривати.
„Новите санкции на Европската унија треба да имаат позитивен ефект врз цените“
Европското ембарго носи многу непознати, изјави извршниот директор на Саудиска Арамко, додавајќи дека руската нафта се уште наоѓа купувачи.
„Намалувањата на производството на ОПЕК од ноември и новите санкции на Европската унија треба да имаат позитивен ефект врз цените“, изјави Стивен Инес од SPI Asset Management за Ројтерс. Цените денеска ги поддржа и послабиот долар кој ја засилува куповната моќ на купувачите со останатите валути.
Посилниот раст на цената го спречи растот на залихите на сурова нафта во САД минатата недела, за околу 4,5 милиони барели, според трговски извори, повикувајќи се на податоци од Американскиот институт за нафта (API). Растот е поголем отколку што прогнозираа аналитичарите во истражувањето на Ројтерс.
Бајден: Саудиска Арабија ќе ги сноси последиците
Официјалните податоци од американската влада ќе бидат објавени во текот на денот. Зголемувањето на залихите ги поттикнува стравувањата од глобална рецесија која би ја намалила побарувачката, а слабоста може да се прочита и во падот на увозот на кинеска нафта.
Со оглед на големата разлика во цената меѓу американскиот и лондонскиот пазар во последно време, Инес оценува дека купувачите на американскиот пазар очекуваат нови интервенции на претседателот Џо Бајден пред конгресните избори на 8 ноември.
Минатата недела Бајден најави дека до крајот на годината планира да ја пласира преостанатата најавена количина барели од залихите, обидувајќи се да ги спречи високите цени на бензинот. Американскиот претседател рече и дека Саудиска Арабија ќе ги сноси последиците за приклучувањето кон Русија во ОПЕК+ и поддршката на одлуката за намалување на понудата, потсетува Ројтерс.
Поради одморот во Австрија, каде што е и неговото седиште, ОПЕК денеска не извести колку вчера чинеше барел нафтена кошничка на нејзините членки. Во понеделникот неговата цена беше 92,17 долари.